Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во обраќањето пред Генералното собрание на ОН повика на формирање на контакт група за Сирија, чија цел ќе биде изнаоѓање на решение за сирискиот конфликт по политичка пат.
– Преговарачкиот процес што се води во Казахстан од страна на Русија, Иран и Турција е корисен, но не е доволен. Франција сака формирање на контакт група составена од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и учесниците во конфликтот, истакна Макрон.
Тој нагласи дека еден од приоритетите на Франција во својство на претседавач со Советот за безбедност на ОН следниот месец ќе биде доставување на хуманитарна и медицинска помош на целата територија на Сирија.
Макрон најави и дека Франција заедно со нејзините партнери ќе иницира изработка на политички патокази за Сирија.
Францускиот претседател го осуди, како што рече, „етничкото чистење“ на Рохинџите во Мјанмар, апелирајќи за прекин на воените операции на мјанмарските безбедносни сили и за доставување на хуманитрана помош до цивилното население во конфликтните зони на земјата.
Макрон се осврна и на Договорот за климата, што беше постигнат пред две години во Париз, нагласувајќи дека за него нема да се преговара одново.
Претходно денеска, на прес-конференција во седиштето на ОН Макрон изрази разочарување поради одлуката на САД за повлекување од Парискиот договор за климата.
– Жалам поради одлуката на САД за повлекување од Договорот, но дијалогот со (американскиот) претседател Доналд Трамп продолжува, бидејќи сум убеден дека на крајот ќе сфати дека тој е и во негов интерес и дека е во интерес на Американците да бидат дел од Парискиот договор, рече Макрон на прес-конференција
Макрон нагласи дека Парискиот договор за климата претствува важна рамка и неопходна основа за справување со климатските промени и најави дека на 12 декември Франција ќе биде домаќин на средба на врвот по повод двегодишнината од усвојувањето на спогодбата.