Најмногу барања за субвенционирање од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, поднеле земјоделците кои произведуваат житни култури, односно пченица, јачмен, пченка, информираа денеска надлежните од подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Конкретни податоци за бројот на поднесени барања за субвенции нема, бидејќи дел од земјоделците аплицираат од дома, по електронски пат, дел во подрачаната единица на МЗШВ, а приближно 1.200 земјоделци поднеле барања за субвенционирање во подрачната единица во Агенцијата.
– Како и во претходните години, така и оваа година најголем дел или 80 проценти, аплицираа последниве 15 дена, иако, имаа рок од два месеци. Имајќи ги предвид, потребите на земјоделците, гужвите, преоптоварување на системот, начинот на аплицирање, ние и годинава им излеговме во пресрет на земјоделците. Дел од нив аплицирале и по електронски пат, но во одреден момент се соочиле со проблеми, па побараа помош кај нас, изјави Џабир Рамадани, виш соработник за полјоделство во Агенцијата.
Добар дел и од сточарите кои одгледуваат говеда, овци и кози поднеле барање за субвенционирање, а речиси сите кои одгледуваат градинарски култури поднеле барање за субвенционирање.
Инаку, во единствениот регистар на земјоделски стопанства евидентирани се приближно 7.000 земјоделци од Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
Рокот за поднесување барања за директна финансиска поддршка во земјоделството заврши на 15 септември.