Општина Битола од денес ќе почне со реализација на новогодишната програма што ќе биде изведена на плоштадот „Магнолија“.
Според програмата, денеска од 11 до 15:30 часот ќе бидат изведени детските претстави „Јунаците од цртаните филмови“ и „Изгубената светилка“, а ќе се слуша и музика од детските фестивали „Си-До“ и „Трал-ла-ла“. Настап ќе имаат групите „Фијакер“, „Бандерола бенд“ и „Блузмен“.
Новогодишната програма ќе продолжи утре со детската претстава „Самовилата од напуштениот замок“, детско-тинејџерските музички блокови и настапот на комичарот Марјан Ѓеоргиевски.
За дочекот на Новата 2013 година, ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари, на плоштадот „Магнолија“ се подготвува голем музичко-сценски спектакл со настап на познати музички ѕвезди од македонската естрада. За Битолчани и гостите во овој град своите хитови ќе ги пејат Владо Јаневски, Влатко Лозановски, Димитар Андоновски, Виктор Апостоловски, Нико, Сефедин Бајрамов и младата пејачка Магдалена Цветковска-Ена, потоа групите „Фолтин“, „Силви бенд“, „Памперс“, „Баклава“ и „Боеми“.