Пратениците Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ и Ејуп Алими од ДУИ ќе бидат членови на Меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, предложени од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.
Одлуката едногласно беше донесена на денешната седница на Комисијата на која беше одлучено да се поддржи потребата за формирање Меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.
Како што истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Меѓуресорската работна група ќе биде задолжена да избере едно од четирите понудени модели од планот „Интелегенција“ за реформа на безбедносните сили и системот за следење на комуникациите што почна да се спроведува уште за време натехничката влада.
– Парламентарната контрола во системот за следење на комуникациите е од особена важност, а Меѓуресорската група ќе има задача да изготви акциски план како и со која динамика ќе се работи. Со Планот 3-6-9 за реформи, усвоен од Владата, се наметнува потребата од ефикасно спроведување на приоритетите од кои еден од клучните е и реформата во системот за следењето на комуникациите. Сметаме дека инклузивноста и транспарентноста во процесот на овие реформи се една од најважните алки за да имаме успешна реформа во овој сегмент што ќе придонесе да ги искористиме најдобрите европски практики и ќе создаде законски, технички и човечки капацитети со цел можноста за злоупотреба на системот да биде сведена на најниско можно ниво, рече Спасовски.
Тој посочи дека прво ќе се продолжи со процесот на реформи во системот за следење на комуникациите, а потоа ќе следат и реформи во делот на безбедносните служби.
– Надлежност на Меѓуресорската работна група ќе биде изработка на план за целосна реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, координирање на активностите утврдени во планот за реализација, како и преземање мерки за имплементирање активности во планот, појасни Спасовски.
Тоа, како што кажа, подразбира детектирање на сите законски и подзаконски решенија и акти кои треба да бидат изменети и променети, што ќе следува откако ќе биде одбран моделот и по широката дебата што ќе следи во општеството со цел да се создадат безбеднсни сили што ќе ја гарантираат безбедноста на државата, но и правата и слободите на граѓаните.
Во Меѓуресорската работна група покрај претставници на Собранието, ќе има и членови од МВР, Министерството за финасии, Царинската управа, Управата за финасиска полиција, Јавното обвинителство, судството, МИОА,…
На денешната седница Комисијата едногласно одлучи да се продолжи соработката со Меѓународната организација за демократска контрола на вооружените сили (DIKAV).