Европската инвестициска банка (ЕИБ) отвори канцеларија во Софија при што веднаш потпиша договор за заем во Бугарија со „Олива АД“, водечки производител на сончоглед и нафта и трговско друштво со житарици во земјата.
Како што информираше Европската комисија, бугарската компанија ќе го искористи заемот за финансирање изградба на нова фабрика за производство на сончогледово масло и складови и логистички капацитети во општината Белослав во близина на Варна, јави дописникот на МИА од Брисел.
Овој договор е поддржан од Европскиот фонд за стратешки инвестиции (ЕФСИ), како суштински дел од инвестицискиот план за Европа, или таканаречениот Јункеров план што лани го презентираше челникот на Еврокомисијата, Жан-Клод Ункер. ЕИБ, исто така, отвори нова канцеларија во Софија, која ќе помогне да се обезбеди локална, насочена помош за промотерите на проекти и малите бизниси кои бараат инвестиции.
Комесарот за земјоделство на Европската унија, Фил Хоган истакна дека Брисел ја поздравува заложбата на ЕИБ за насочување на инвестициите на Европската унија во земјоделско-прехранбениот сектор. Според еврокомесарот, се работи за сектор на раст со огромен потенцијал да придонесе повеќе за создавање работни места преку паметна, приспособена инвестиција.
– Ги охрабрувам сите оператори што се занимаваат со агро-храна да подготват соодветен инвестициски план и да стапат во контакт со ЕИБ за да испитаат кои опции можат да бидат отворени за нив, порача еврокомесарот Хоган.
Како што е познато, Европската инвестициска банка е основана од страна на Европската унија и акциите во неа и припаѓаат на сите 28. земји-членки на ЕУ. Примарна задача на оваа банка е да пронајде пари на пазарот и да ги инвестира во развојни проекти во рамки на Унијата, со што ќе им помага и на земјите-членки.