Собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање на денешната седница едногласно ја поддржа потребата за формирање Меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите и заклучи пратенците Фросина Ременски Ташева од СДСМ и Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ да бидат членови на Меѓуресорската група.
Како што истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Меѓуресорската работна група ќе продолжи со процесот на реформи во системот за следење на комуникациите, а потоа ќе следат и реформи во делот на безбедносните служби.
– Во државата е започнат процес во чија прва фаза беше изврешена анализа на состојбите во системот за следењето на комуникациите во безбедносните служби што ги даде сите потребни предлози и решенија. Со Планот 3-6-9 за реформи, усвоен од Владата, се наметнува потребата од ефикасно спроведување на приоритетите од кои еден од клучните е и реформата во системот за следењето на комуникациите. Сметаме дека инклузивноста и транспарентноста во процесот на овие реформи се една од најважните алки за да имаме успешна реформа во овој сегмент што ќе придонесе да ги искористиме најдобрите европски практики и ќе создаде законски, технички и човечки капацитети со цел можноста за злоупотреба на системот да биде сведена на најниско можно ниво, рече Спасовски.
Тој нагласи дека е неопходно во Меѓуресорската работна група да има и претставници на Собранието, покрај од МВР, Министерството за финасии, Царинската управа, Управата за финасиска полиција, Јавното обвинителство, судство, МИОА,…
– Надлежност на Меѓуресорската работна група ќе биде изработка на план за целосна реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, координирање на активностите утврдени во планот за реализација, како и преземање мерки за имплементирање активности во планот, појасни Спасовски.
Тоа, како што кажа, подразбира детектирање на сите законски и подзаконски решенија и акти кои треба да бидат изменети и променети, што ќе следува откако ќе биде одбран моделот.
– За овие прашање веќе е разговарано во МВР и во Владата, а веднаш по формирањето на Меѓуресорската работна група ќе пристапиме кон широка дебата во македонското општество по што откако ќе биде изработен финален документ ќе биде препратен во Собранието на усвојување, истакна министерот Спасовски.
Комисијата на денешната седница едногласно одлучи по Локалните избори да направи надзор во Управата за безбедност и контраразузнавање и во Агенцијата за разузнавање и го задолжи претседателот на Комисијата Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ да ги договори термините со надлежните во УБК и Агенцијата.