Синдикалното организирање и дејствување се една од суштинските алки во институционалното, но и во севкупното системско почитување и остварување на социјалните и работнички права на граѓаните, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на означувањето на почетокот на 14. Синдикални игри и средби, што во организација на Македонскиот полициски синдикат се одржуваат во Охрид.
Тој истакна дека ова е начело, кое без исклучок мора да важи и за полицијата и покрај нејзината специфичност, со оглед на тоа дека оваа професија е строго нормирана во поглед на правата и обврските на полицајците.
– Токму затоа и соработката на Министерството со Македонскиот полициски синдикат е секогаш во интерес на вработените и е насочена кон заедничката цел – подобрување на условите за работа на вработените во МВР, додаде министерот.
Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека најважно за новата Влада, но и за него како министер е партнерството со синдикатите, поради тоа што токму синдикално здружение може да ги застапува интересите на вработените да ги остваруваат социјалните и работничките права, нешто што досега недостигало во земјата.
– Поради тоа навистина сме партнер и сме подготвени да разговараме со сите синдикални здруженија и во рамките на МВР генерално сите синдикати да ги зајакнеме. Појаките синдикати може да имаат навистина задоволни работници и овозможуваат Македонија да биде силна и напредна како држава. И јас навистина немам пречка да разговарам со никого, напротив ги повикувам да разговараме заеднички да ги остваруваме и правата, да ги подобруваме условите за работа. Единствена цел е да имаме задоволни полицајци, заради тоа што задоволни полицајци значат задоволни граѓани на РМ, нагласи македонскиот министер за внатрешни работи.
Во врска со приоритети во МВР, тој посочи дека има многу, поради, како што рече „крајно незадоволителната ситуација, која ја затекнале“.
– Професионалноста на македонската полиција е врвен приоритет за нас и тоа е нешто што го правиме врз основа на реформскиот процес. Декриминализацијата и департизацијата на институцијата може да ни овозможи да ја постигнеме целта, а тоа е полицијата која ќе биде блиска до граѓаните и зголемената безбедност, истакна министрот.
Тој изјави дека е свесен оти во секојдневното работење има многу проблеми и додаде дека тој како министер се насочува не само кон воочување на проблемите, туку и кон пронаоѓање решенија.
Од аспект на материјално финансиските ресурси приоритетна цел ќе биде опремување на македонската полиција.
– Како што напоменав десет години нема опрема, да ја опремиме со сите можни ресурси за да имаат можности и услови за работа и секако да ги зајакнеме и зголемиме човечките капацитети, што е исклучително важно за безбедноста на една држава, рече министерот.
– За мене е неприфатливо речиси една деценија да не се набавени нови униформи, чизми, чевли за полицајците. Неприфатливо е нерационалното трошење на буџетските средства на штета на полицијата и затоа ветувам дека нема да се повтори, истакна Спасовски.
Тој нагласи дека опременоста на полицајците мора да биде на прво место.
– Затоа веќе почнавме постапка за набавка на седум илјади комплети специјални чизми, чевли, кошули, панталони и здолништа, џемпери, капи и ремени, рече Спасовски.
Во тек е и постапката за набавка на канцелариски материјал со кој ќе се опремат полициските станици во Ѓорче Петров и Јегуновце, како и Секторот за прекршоци и Секторот за странци на СВР Куманово.
– Набавивме над 400 компјутери кои ќе бидат распоредени по полициските станици, а наредниот месец ќе бидат набавени и над 40 нови возила, истакна тој.
Министерот порача дека инвестициите во условите за работа се еден од неколкуте приоритети на Министерството и тие нема да застанат само на овие набавки.
Од аспект на материјално финансиските ресурси средства коишто ги имаме наша приоритетна цел ќе биде да ја опремиме македонската полиција како што напоменав десет години нема опрема, да ја опремиме со сите можни ресурси со цел да имаат можност и услови за работа и секако да ги зајакнеме и зголемиме човечките капацитети што е исклучително важно за безбедноста на една држава.
– Секако за да ги донесеме правилните одлуки нас ни треба и искрена и професионална соработка со организираните синдикални здуженија. Македонскиот полициски синдикат го сметаме за партнер кој има одговорност да ги застапува интересите на вработените во полицијата, но и заедно со раководството да понуди одржливи решенија за надминување на проблемите. Јас сум отворен за заедничка соработка која ја сметам како вложување во полицијата, рече тој.
Спасовски нагласи дека постои свесност дека полициската работа е одговорна, сложена и за жал честопати, животозагрозувачка.
– Многу наши колеги ги дадоа животите извршувајќи ги своите работни задачи, бранејќи ја сигурноста и мирот на граѓаните, безбедноста на државата. Жалиме за загубата и им оддаваме почит за нивниот влог во нашата иднина. И затоа е многу важно да се потсетиме дека синдикалното здружување значи и солидарност и меѓусебна поддршка, истакна министерот.