Препознатливиот индекс на УКИМ е стартна позиција на вашите идни професионални успеси. Се определивте да студирате на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за да добиете образование со проверен и докажан квалитет, рече ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски на првиот академски час денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Тој кажа дека од оваа академска година ќе започне да се реализира и студентска пракса, со што студентите ќе имаат можност за стажирање во компании во зејмите во ЕУ.
– Компетитивните услови на пазарот на знаењето и пазарот на трудот се бескомпромисни, бараат квалитет и извонредност, не препознаваат ниту површност, ниту импровизации. Вашата одлука за студирање на УКИМ е правилна, бидејќи тој е познат и признат во светски рамки, а и според најновите податоци, најдобро рангиран универзитет од Македонија на светската скала, рече Јанкуловски.
Според него, за квалитетот на УКИМ зборуваат над 150.000 дипломирани студенти, 10.000 магистри и 4.000 доктори на науки, кои своето образование го стекнале тука.
– Една стара кинеска мудрост вели: „Учителот ви ги отвара вратите, но вие морате да учите сами“. Ние сме тука да ви ги отвориме вратите. Да се биде добар студент на УКИМ и да се биде добар стручњак апсолутно не е лесно, бара многу напорна работа, голем труд, многу откажувања…Но знаењата и вештините што ќе ги стекнете тука се особено значајни затоа што тие ќе ве профилираат како експерти во вашата област, додаде Јанкуловски.
Во Конкурсот на УКИМ за 2017/2018 беа слободни вкупно 10.818 места за студенти на прв циклус студии: 5.865 за редовни студенти, 3.793 места за редовни со кофинансирање на студиите и 1.160 за вонредни студенти.