Пратениците во рамки на продолжението на 13. седница попладнево расправаа по предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Со законското решение се предлага на граѓаните да им се даде нова можност да го приватизираат земјиштето, а од различни причини не можеле да поднесат барање до крајниот рок 15 јуни 2016 година.
Ласоска рече дека од остварените средби со граѓаните, во изминатиот период се утврдило дека се уште во одделни населени места во Република Македонија постои голем број граѓани што не биле во можност да го остварат своето право за приватизација на неизграденото земјиште, а исто така не поднеле ниту пријава за промена на правото на користење во право на сопственост во рокот до 15 јуни 2016 година.
Таа посочи дека до истекот на рокот, односно до 15 јуни 2016, вкупно 3.045 граѓани ја искористиле оваа последна можност за промена на корисничкото право во право на сопственост и поднеле пријава до одделенијата на Агенцијата за катастар на недвижности.
Таа потенцира дека со предложеното законско решение оваа бариера ќе се надмине и на оваа категорија на лица ќе им се овозможи да се стекнат со правото на сопственост на ова земјиште кое е нивна поранешна сопственост.
Според Ласовска ова треба да биде натпартиско решение и оти не постојат никакви аргументи да не биде поддржано од Собранието, бидејќи е наменето за сите граѓани.
Васко Ковачевски го искажа ставот на СДСМ и рече дека ваква можност треба и добро е да се даде на граѓаните, но дека во законот треба да се назначи рок.
– Голем број граѓани кои имаат имот, а го немаат откупено треба да им се даде можност, но неприфатливо е да се постави законско решение со кое нема да има рок. Контрадикторно е да се пропишува постапка без да се утврди рок, рече Ковачевски.
– Пратеници сме за да носиме квалитетни решенија за сите граѓани. Не е проблемот што го предлагаат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, туку внатре суштината не е во ред. Во законското решение не давате временска рамка во која сите граѓани ќе можат да поднесат барање за приватизација и закуп на градежното земјиште. Не можеме ни амандмански да реагираме бидејќи рокот и начинот е пропишан во друг член, рече Ковачевски.
Најави дека многу брзо од Министерството за финансии ќе дојде квалитетно законско решение со кое ќе се даде оваа можност.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изрази разочарување од парламентарното мнозинство оти не се прифаќа предлогот бидејќи е предложен од коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ.
– Што има врска што овој закон го предлага коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Дали со овој закон се дава право само на граѓани кои гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Дали се даваат права и на граѓани кои гласаат за СДСМ, за ДУИ, за БЕСА и друга партија, но и на оние кои не гласаат за ниту една политичка партија, рече Димовски.
Според него не е морално ДУИ да не гласа за овој предлог, бидејќи пратениците од оваа партија претходно го гласале законот.
Истакна дека законот е добар и воспоставува приницип на еднаквост и регулација на сопственоста.
Џевад Адеми ДУИ посочи дека нема да го поддржат предложениот закон. – Нема да гласам за овој закон затоа што моите гласачи не се согласуваат, рече Адеми и додаде дека нема потреба од брзање со вакви предлози кои не се добро смислени.
Расправата заврши по овој предлог, а треба да се гласа по паузата што ја даде претседателот на Собранието Талат Џафери. Пратениците денеска треба да работат и по 18 часот.