Годинешниот 67. Mеѓународен саем на автомобили во Франкфурт, започнува денеска и ќе трае до 24 септември.
Традиционално, првите денови се резервирани за медиумите и за склопување нови соработки, а отворањето за посетители ќе се случи в сабота на 16 септември.
Куриозитет годинава е тоа што на Саемот нема да учествуваат девет светски брендови – „Пежо“, ДС, „Инфинити“, „Џип“, „Фиат“, „Алфа Ромео“, „Мицубиши“, „Волво“ и „Нисан“, кои заедно покриваат 20 отсто од европскиот пазар.
Љубителите на автомобили ќе можат да видат бројни светски промоции на нови или рестилизирани модели. Од домашните германски производители, Бе-Ем-Ве ќе ги изложи своите најнови модели, меѓу кои е и последниот спортски М5, но и новите концепти Бе-Ем-Ве З4, Бе-Ем-Ве Икс-7 Ај-Перформанс, Бе-Ем-Ве СУВ и Бе-Ем-Ве Ај-Вижн Дајнамикс, кои ќе бидат пуштени во продажба наредната 2018.
„Мерцедес“ ќе се претстави со својот хиперавтомобил Проект 1, а „Ауди“ со својата нова верзија на спортскиот Р8 В10 модел со заден погон. Адутите на „Фолксваген“ годинава се новото Поло и кросоверот Т-Рок. „Опел“ ќе ја претстави новата Инсигнија Кантри Турер, како и спортската Инсигнија ГС, во лимузинска и караван верзија.
„Порше“ пак, ќе го изложи новиот СУВ Казен, „Цитроен“ – моделот Ц3 Еркрос, а „Рено“ новиот спортски РС Меган.
Свои модели на саемот ќе промовираат и „Дачија“, „Сеат“, „Хонда“, „Хјундаи“, „Бентли“, „Јагуар“, „Ролс Ројс“, „Ферари“, „Ламборџини“ и „Масерати“.