Северна Кореја со шестата и воедно најсилна нуклеарна проба ги зголеми тензиите и стравот во светот, а Јужнокорејците се повеќе се сомневаат дека поради тоа може да има војна, покажуваат резултатите на анкетата на „Галуп Кореја“.
Според истражувањето, 58 проценти од испитаниците изјавиле дека нема можност Северна Кореја да почне војна, додека 37 отсто изјавиле дека би можело да се случи тоа.
Во првата анкета на „Галуп Кореја“ изработена во 1992 година, 69 отсто од Јужнокорејците изјавиле дека веруваат оти Северна Кореја би можела да почне војна, додека само 24 проценти оти нема да се случи тоа. Во 2007 година, 51 отсто од испитаниците изјавиле дека очекуваат војна, а 45 оти не.
Најновата анкета покажува дека Јужнокорејците денес помалку се загрижени од евентуална војна отколку во јуни 2007 година. Северна Кореја првпат тестираше нуклеарно оружје во септември 2006 година, со образложение дека мора да се штити од агресија од САД.
– Резултатите од анкетата покажуваат дека Јужнокорејците „не ги сфаќаат сериозно“ честите закани од Северна Кореја, кои траат веќе 60 години, од последниот прекин на огнот, се наведува во извештајот на „Галуп Кореја“.
Јужна и Северна Кореја технички и понатаму се во војна, бидејќи по вооружениот конфкликт 1950-1953 година потпишано е примирје, а не мировен договор.
Резултатите од анкетата покажуваат дека дури 60 отсто од испитаниците оценуваат дека Јужна Кореја би требало да има нуклеарно оружје, додека 35 проценти не се согласуваат со тоа. Против идејата за нуклеарно вооружување најмногу се младите луѓе, додека испитаниците постари од 50 години се изјаснуваат „за“.
Во анкетата дури 59 отсто се изјаниле „против“ идејата САД да ја нападнат Северна Кореја дури и ако Пјонгјанг продолжи со провокациите, додека 33 проценти мислат дека треба да се слуи тоа.
Анкетата е изработена преку телефон од 5. до 7. септември, при што се испитани 1.004 Јужнокорејци постари од 19 години. Истражувањето може да има маргинална грешка од плус-минус 3,1 отсто.