Претставници на угостителските и туристичките комори денеска на средба со министерот за економија Крешник Бектеши изразиле огромен интерес за владината мерка за организиран одмор на работници со ниски приходи, соопшти Министерството за економија.
Министерот Бектеши побарал сите комори навреме да ги информираат нивните членки за повикот и условите за пријавување. Коморите го прифатиле неговиот предлог секој пријавен хотел да потпише меморандум со Министерството за економија со кој ќе се дефинира да нема злоупотреба на потврдите коишто ќе ги издаде Министерството, како и хотелите да понудат квалитетна услуга за граѓаните, да предложат промотивни пакети со реални цени и да се запазат нормативите за храна.
На предлог пак на угостителските и туристичките комори, е прифатено при добивање на потврдата, апликантите да добиваат и список на хотели каде ќе можат да ги користат услугите, со конкретни понуди.
Целта на мерката е да им се овозможи на лицата со ниски приходи, односно до 22 илјади денари по семејство, да искористат годишен одмор во туристичките центри во државава, за што по принципот ‘прв дојден-прв услужен’, од Министерството за економија ќе добиваат потврда со парична вредност од 15 илјади денари. Во исто време целта е да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.
Јавниот повик за пријавување на заинтересираните хотели беше објавен завчера, а трае до 14 месецов. Право на учество на повик имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување во Република Македонија.