Денеска, по повод новиот циклус на Инфо денови се одржа прес конференција и Инфо ден во Скопје.
На прес конференцијата се обрати директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров.
Димитров најави дека од денеска со Инфо денот во Скопје започнува новиот циклус на Инфо денови посветени на програмата Еразмус плус, кој ќе трае до крајот на оваа година.
„Националната агенција во име на Европската комисија полноправно и децентрализирано ја управува програмата Еразмус плус во Република Македонија. Се работи за водечката програма за образование, обука млади и спорт на Европско ниво, а го опфаќа целосниот образовен систем на Република Македонија како и сегментот млади и младински активности.
Покрај Еразмус плус од 2014 година се вклучивме во имплементацијата на уште неколку европски иницијативи, односно мрежите Евридика, Еуропас, Еуродеск, Еквет, Еурогајденс, ЈутВики и целосна имплементација на Е-твининг“.- истакна директорот на агенцијата, Димитров.
Националната агенција во рамките на овој караван планира реализација на шест (6) Информативни работилници, односно обуки во Скопје, која се одржа денеска, Прилеп, Кавадарци, Крушево, Охрид и Дебар за програмата Еразмус плус, а на овие работилници ќе бидат поканети и образовните институции, како и останатите заинтересирани во општините, градовите и населените места кои гравитираат околу овие градови.
„Во рамките на кампањата, при крајот на годината ќе биде организирана и Валоризациона конференција за програмата Еразмус плус за 2017 година, како и дополнителни два (2) Инфо дена во соработка со Локалните заедници односно општините Кочани и Ресен.
Како мерка за подигнување на квалитетот на имплементација на тековните проекти од европскиот волонтерски сервис ќе бидат организирани Обуки за волонтери при пристигнување и Среднорочни обуки како и годишен настан за Европскиот волонтерски сервис и Годишен состанок за ЕВС акредитирани организации“ – додаде Димитров.
Со цел зголемување на вклученоста на бизнис заедницата во програмата Еразмус плус во 2018 година предвидени се и информативни работилници во соработка со стопанските комори во Република Македонија во Скопје и Битола. – додадоа од Агенцијата.
Покрај наведените настани Националната агенција планира и реализација на ЕКВЕТ конференција и Конференција Еурогајденс.
Националната агенција во соработка со Европската комисија и другите Национални агенции од Европа ќе имплементира и дополнителни активности односно јубилејот 30 години од постоењето на програмата Еразмус и одбележување на европската недела на стручни вештини.
Наставници, професори, студенти, ученици и активисти во граѓанскиот сектор земаа учество на Валоризационата конференција одржана во Скопје како дел од циклусот на промотивни активности за програмата Еразмус плус, кој исто така се одржа денеска во хотелот ТЦЦ Гранд Плаза во Скопје.
На овој Инфо ден учествуваа М-р Александар Богојевски, М-р Деспина Србиновска Шандуловска и М-р Дејан Златковски, претставници на Агенцијата кои ги претставија трите клучни акции КА1, КА2 и КА3.
Дополнително, на присутните им беа презентирани фазите на одлучување-процедура за селекција на апликации.