Не може вашите неуспеси на изборите, односно падот од 20 на 10 пратеници да ги препишувате на нас. Не може ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за корумпираните градоначалници на ДУИ, во Чаир, Тетово и Струга, и не може оваа загуба да ја надокнадувате со овој предлог закон за употреба на јазиците кој е неуставен, рече пратеникот Антонијо Милошоски обраќајќи му се на неговиот колега од ДУИ, Џеват Адеми на распрвата по предлог-законот за употреба на јазиците.
-Не може корупцијата да не биде проблем , а да биде проблем тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за уставноста на предлог-законот за јазици. За вас полесно е да се криете зад изговорот, Груевски е виновен, тој не дава да се остварат правата на албанците, отколку да ги решавате проблемите на граѓаните, рече Милошоски.
Пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми не премолчи на обвинувањата на Милошоски па во контра реплика Адеми побара од кооринаторот напратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се извини на градоначалните на Струга, Чаир и Тетово.
-Каде се разликуваме, јас, Вие, тука присутните и јавноста кои слушаше за корумпирани политичари, за огромни провизии, но јас никого не нарекувам корумпиран без за тоа да има судска пресуда. Најмалку што може да направите Милошоски е да му се извините на Изет Меџити, да и се извините на Теута Арифи. Со ваква дебата не помагаме на никого. Да го прекинеме ова препукување и да дозволиме Македонија да живее европски, вели Адеми.
Распрвата по предлог-законот за употреба на јазиците започна со бројни реплики контрареплики помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се против како што велат овој закон да биде донесен во ваква форма набрзина , без јавна и аргументирана дебата.
Покрај оваа забелешка, Адеми со повисок тон се обрати кон пратениците и јавноста велејќи дека менталниот склоп на Милошоски е таков да и доколку го знае албанскиот јазик, тој намерно нема да го говори иако тоа би било олеснителна околност во некоја расправа.
-Веувајте, ќе беше сензација доколку Милошоски овде зборуваше на албански јазик,но тој и да го знаеше албанскиот јазик немаше да го стори тоа, затоа што менталниот склоп му е таков, ограничен, рече Адеми.
На однесувањето на пратениците, неколку пати реагираше Претседателот на комисија за европски прашања Артан Груби кој рече дека доколку се одолговлекува дебатата согласно деловникот ќе бара ограничување на времетрањето на репликите.
Инаку, комсиската распрва согласно законските процедури ќе трае три дена, по што прелог законот оди на разгледување на пленарна седница.
Виктор Јованов