На најновите севернокорејски нуклеарни проби, Сеул ќе одговори со неколку мерки, но истовремено ќе продолжи да бара начини за решавање на проблемот, изјави денеска јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.
– Последната нуклеарна проба на Северна Кореја е посериозна отколку претходната. Од една страна, Сеул на неа ќе одговори на најодлучен можен начин, посебно со заострување на санкциите, зголемување на притисокот и јакнење на воените капацитети. Од друга страна, Јужна Кореја ќе настојува да пронајде сеопфатно и темелно решение за севернокорејското нуклеарно прашање, изјави Мун.
Тој оцени дека е неопходно да се прекине овој „маѓепсан круг“, каде по севернокорејските провокации следат осуди од меѓународната заедница и зголемен притисок врз Пјонгјанг.
Мун вели дека е прифатлив каков било формат на разговори за севернокорејското нуклеарно прашање, под услов да се олесни денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров, инсистирајќи дека проблемот мора да се реши по мирен пат.
– Доколку помогне за решавање на нуклеарното прашање, нема да избегнам ниту еден вид дијалог. Сепак, ова не е вистинското време за дијалог со Северна Кореја. Не сакаме да го уништиме севернокорејскиот режим и да го олесниме обединувањето на островот преку анексија. Сакаме да го решиме севернокорејското нуклеарно прашање, гарантирајќи ја притоа сигурноста на режимот, со оглед на тоа дека сакаме да изградиме одржлив мир на Корејскиот полуостров, изјави Мун.