Актуелниот кениски претседател Ухуру Кенијата се закани дека доколку победи на повторените претседателски избори ќе го „среди“ Врховниот суд.
– Ние имаме проблем со судиите и со сегашниот правосуден систем и тоа ќе се среди по изборите, изјави Кенијата во обраќање преку телевизијата.
Заканата до судиите доаѓа по одлуката на Врховниот суд да ги поништи изборите што се одржаа на почетокот од минатиот месец, прогласувајќи ги како нерегуларни и спротивни на Уставот на Кенија и наложувајќи да се одржи ново гласање, во рок д 60 денови.
Актуелниот претседател кој бара за себе уште еден мандат, изјави дека ќе ја почитува одлуката на судиите и побара од своите симпатизери да останат мирни, но судиите на Врховниот суд ги нарече „крадци“.
Заменик претседателот Вилијам Руто побара од Државната изборна комисија да определи датум за новите избори.
Опозицијата и нејзниот кандидат, Раила Одинга, меѓутоа, побара претходно да се формира нова изборна кмисија, тврдејќи дека со поништувањето на првите избори, таа го загубила својот кредибилитет.
Меѓународните набљудувачи ги оценија изборите како „главно коректни и мирни“, а изборната комисија го прогласи Кенијата за победник.
Таквата одлука веднаш ја обжали опозцијата, инсистирајќи дека бил хакиран системот на Изборната комисија, па затоа конечните резултати биле изманипулирани.
Кенијата тврди дека е убеден оти и по втор пат ќе победи, но ветува дека ќе ги казни судиите од Врховниот суд, а посебно оние кои гласаа за поништувањето на првичните резултати.
Меѓународната јавност, а посебно либералниот дел од Африка, одлуката на судот во Најроби ја оцени ако историски настан, затоа што е тоа прв случај на овој континент, претседателски избори да се поништат со одлука на домашен суд.