Полицијата во Тетово минатата и оваа недела во неколку одделни контроли вкупно откри и одзедма над 21 илјада разновидни петарди и други видови пиротехнички средства.
МВР денеска соопшти дека од нив близу 11 илјади петарди се пронајдени и одземени денеска во продавница за сувенири и други производи, лоцирана на улица „Маршал Тито“ во Тетово.
Сопственикот на продавницата Р.А од Џепчиште приведен е во Полициската станица Тетово и по целосното расветлување на сите поединости поврзани со случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вакви или слични активности со несмален интензитет ќе продолжат и наредниве денови, при што посебно ќе бидат мониторирани и контролирани неколку локации во градот, каде и најчесто се нуди разновидна пиротехника.
Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до граѓаните да се воздржат од набавување, продавање и активирање на петарди и други пиротехнички средства и потсетува дека глобите за овој вид прекршок се движат од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Зависно од количините и други околности, продавањето на пиротехника може да биде санкционирано и кривично.