Врховниот суд на Тајланд денеска соопшти дека ќе издаде наредба за апсење на поранешната премиерка Инглук Шинаватра, откако таа не се појави во судот да ја слушне неговата одлука во предметот што се води против неа за небрежност, пренесоа британските медиуми.
Судот за 27 септември го одложи изрекувањето на пресудата и соопшти дека Инглук изјавила дека не може да се појави пред судиите бидејќи имала проблем со увото.
-Ние не мислиме дека судената е болна. Мислиме дека судената се крие или бега . . . Го презакажавме датумот за објавување на пресудата за 27 септември, изјави член на Врховниот суд.
Инглук не ја признава вината во предметот поврзан со субвенции за производителите на ориз.
Нејзиниот адвокат изјави дека не знае дали е таа, се уште, во Тајланд, откако не се појави во судот.
Шефот на тајландската имиграциска полиција изјави дека нема податоци дека Инглук го напуштила Тајланд.
Илјадници нејзини приврзаници вчера се собраа пред зградата на судот во Бангкок во очекување на одлуката, што може да ги распали тензиите во Тајланд и да има значителни последици за политички поделената земја.