Венецуелските власти го забранија емитувањето на две телевизиски станици од Колумбија, на територијата на Венецуела.
Не е дадено никакво објаснување зошто е тоа направено, а забраната доаѓа веднаш по обвинувањата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро врз соседна Колумбија и нејзниот претседател за „подготвување заговор против венецуелската влада“.
Двете колумбиски ТВ станици „Каракол“ и „Ер-Си-Ен“ во своите соопштенија го осудија блокирањето на нивното емитување на венецуелска територија, означувајќи го потегот како цензура.
Претходно, веќе беше забрането емитувањето и на програмата на Си-Ен-Ен на шпански јазик.
Претставник на телевизијата „Каракол“ изјави дека причината за забраната треба да се бара во одлуката на колумбиските власти да ја примат и да и понудат политички азил на Луиза Ортега Дијаз, сменетиот државен обвинител на Венецуела, која побегна во Богота, стравувајќи за својата безбедност.
Ортега од некогашен лојален чиновник и политички сојузник на Мадуро се претвори во негов остар критичар , која сега е една од најгласните политички противници на режимот во Каракас.
За време на престојот во Бразил, таа изјави дека располга со цврсти докази за корумпираноста на Мадуро и за тоа дека земал поткуп од една голема бразилска градежна компанија.
Новинарски прилози за тоа, на своите програми, имаа и двете, сега забранети, колумбиски ТВ станици.
Претседателот Мадуро е во постојана војна со медиумите што не му се наклонети, а посебно кон медиумите од странство, што ги обвинува з а „ширење лаги“ за состојбите во Венецуела.