Горан Богдановски, советник во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите рече дека Жерновски и СДСМ во општина Центар покажале како не треба да биде управувана една локална самоуправа. Како што кажа тој Центар била пример за општина која кога ќе се најде во рацете на недоволно посветени и работливи луѓе почнувала да тапка во место, без реално изгледи за напредок, а нејзиниут буџет станувал бунар без дно.
– Жерновски и СДС управувајќи го Центар, во рок од 4 години потрошиле буџет од околу 100 милиони евра. Да добро слушнавте драги сограѓани приближно 100 милиони евра пари на граѓаните на општина Центар, беа потрошени од Жерновски и СДС. Дали Вие почитувани сограѓани знаете каде се потрошени приближно 100 милиони евра ваши пари? Секако дека не, ниту гледате некој проект или дело кое би ја оправдало оваа огромна потрошена сума на пари. Жерновски и СДС трошеа без грам одговорност, доказ за тоа е и реченото од Мирослав Шиповиќ, претседател на Советот на општина Центар, кој лично во неколку наврати го обвини Жерновски за несовесно работење и луксузирање со пари на граѓаните во странски држави, рече Богдановски.
Тој додаде дека расипничкото работење со парите на граѓаните била одлика на СДСМ.
– Жерновски и СДС немаат ниту една поголема капитална инвестиција во општината, која што би одговарала на потрошените на 100 милиони евра за 4 години. Дури и кога инвестираат тоа го прават за суми неколкукратно поголеми од државниот просек, со што се отвора сомнеж кај граѓаните за потрошените пари, како што е примерот со отпочнатото училиште во Капиштец, со предвидена цена за изградба од 4.8 милиони евра, што е за 3 милиони евра повеќе од вообичаеното. Имено владата на ВМРО-ДПМНЕ од темел градеше училишта за 1 до 1.5 милиони евра, а Жерновски и СДС во Центар тоа го прават за цели 3 милиони евра повеќе, додаде Богдановски.
Како што кажа тој, додека Жерновски и СДСМ трошеле од општинската каса, граѓаните на Маџир Маало во 21. век немале соодветна инфраструктура и водоводна и канализациона мрежа.
– Жерновски и СДС трошат милиони евра без некој да знае на што, а граѓаните низ Дебар Маало се соочуваат со немање на слободен простор за паркинг. Нашите пари немилосрдно се трошат, а општина Центар никако да одвои барем денар повеќе за подобрување на хигиената во општината. Заради ваквата неработа, неажурност и неодговорност граѓаните ќе им кажат едно големо НЕ на Жерновски и на СДС на изборите на 15-ти октомври, центарци никогаш повеќе нема да дозволат да бидат изманипулирани, рече Богдановски.