САД се загрижени поради информациите дека Русија испраќа воени хеликоптери во Сирија, вели американскиот државен секретар Хилари Клинтон.
Таа истакнува дека не се точни тврдењата од Москва, дека испраќањето вооружување на Сирија не е врзано со моменталниот конфликт во земјата.
„Загрижени сме поради последните информации кои ги добивме, според кои нивни воени хеликоптери се на пат од Русија кон Сирија“, изјави Хилари Клинтон.
Таа додаде дека таа пратка „драматично ќе придонесе во ескалацијата на судирите“ во Сирија. Според Клинтон, Вашингтон побарал од Москва да ги запре испораките на оружје во Сирија.
Русија и Сирија имаат долгогодишна соработка и една руска поморска база е во Медитеранот, точно во таа земја, наведува АП.
Од почетокот на бунтот против режимот на Башар ал Асад, во март 2011. година, загинале повеќе од 14 илјади луѓе, тврди сириската организација за човекови права со седиште во Лондон.