„Транспарентност Македонија најостро ги осудува насилството и говорот на омраза како и насилното протерување на пратениците од опозицијата од Собранието на РМ. Исто така, го осудуваме и насилното протерување на новинарите од Собранието на РМ.
Претседателот на Собранието на РМ на нелегален начин, со прекршување на Деловникот и Законот за Собранието, ги испратил до Владата извештаите од надлежните комисии на кои се расправаше по амандманите, за што нема мандат пред да се исцрпи амандманската расправа, пред да се донесат заклучоци и пред извештаите да бидат потпишани од пратениците од комисиите и претседателите на тие комисии, со што флагрантно ја суспендира демократијата, законите и процедурите.
На исто нелегален начин се изгласа и буџетот, со претходно физичко отстранување на пратениците од опозицијата, за што не постои никаква уставна ниту законска можност. Според Законот за Собрание, претседателот на Собранието може како крајна мерка да ја прекине седницата, доколку нема услови за нејзино одржување и ништо повеќе од тоа.
Конечно, со флагрантно прекршување на членот 70 од Уставот на РМ, кој предвидува дека седниците на Собранието се јавни, ги отстрани новинарите од Собранието, без да донесе одлука со 2/3 – тинско мнозинство од вкупниот број пратеници, што како можност ја дава Уставот на РМ, доколку Собранието сака да работи без присуство на јавноста. Со ова, претседателот на Собранието ја укина јавноста во РМ и веќе нелегалната процедура ја пресели во политичкото подземје.
Транспарентност Македонија укажува дека со ова директно се уназадува демократијата во РМ, со последици за сите граѓани на оваа држава“, се вели во реакцијата на Транспарентност Македонија, по повод политичкото насилство и притисоци во Собранието на РМ на 24.12.2012 г..