Ѓорге Иванов, на одбележувањето на Денот на АРМ и 25-годишнината од формирањето на Армијата, не ја криеше нетрпеливоста кон новата Влада. Сега критикуваше работи за кои не ни помислуваше во изминатите години кога некои други беа премиери или министри.
Недозволиво за официјални средби по повод државни настани, не можеше да одглуми дека е претседател на сите, како што декларативно говореше сите години. Тој не се поздрави ниту со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ниту со собранискиот спикер Талат Џафери.
Во говорот ја искара Владата дека неосновано ја ангажира војската. Во говорот забележа и на, како што рече, тоа што во недостиг на ресурси и време, се почесто се случува Армијата без одлука на Врховниот командат и без исполнети услови за прогласување на кризна состојба да се ангажира за задачи кои се во надлежност на други институции.
„Тоа е сериозна повреда на законот што нема да ја толерирам“, рече Иванов.
Иванов се лути и за малиот буџет за АРМ, вели бил добро запознаен со состојбата, но во досегашните 8 години ниту направи нешто, ниту алармираше за ова.