Стефан Богоев, претседателот на СДММ денеска во изјава за медиумите рече дека преку проектот „Млад земјоделец“, новата Влада предводена од СДСМ со 10 илјади евра неповратни средства им помагале на младите регистрирани земјоделци да започнат сопствен бизнис, да го прошират производството и да внесат нови и модерни технологии со што ќе го зголемеле производството и конкурентноста на пазарот.
– Ова е само една од низата мерки на Владата преку кои се унапредува земјоделството, се помага домашното стопанство, а парите се враќаат назад кај граѓаните, во овој случај директно кај младите. Ваква мерка постоеше и претходно, но со критериум „прв дојден прв услужен“, па при брзањето да се распределат, парите често не завршуваа кај вистинските земјоделци. Сега, со измените на Програмата за рурален развој што ги донесе Владата предводена од СДСМ, се воведоа нови критериуми со што парите ќе завршат кај вистинските земјоделци. Доделувањето парични средства ќе се одвива отчетно, професионално и неселективно, а не според партиска подобност или неподобност како до сега, рече Богоев.
Како што кажа тој, Владата на СДСМ го ставала граѓанинот, младиот човек во центарот на вниманието, а преку конкретната мерка значително им помагале на младите земјоделци да останат да работат во Македонија и затоа ги охрабрувале сите лица кои ги исполнуваат критериумите да се пријават на објавениот повик и да ја искористат мерката којашто го унапредува руралниот развој и отвара нови работни места.