На територијата на општина Струмица нема поголеми пожари, освен еден кој се случи меѓу населените места Баница и Водоча, ова е заклучокот на денешната работна средба на Локалниот совет за превенција од пожари.
На состанокот што го организираше општина Струмица, а по иницијатива на МВР, СВР Струмица, институциите кои преземаат мерки и активности за превенција од шумски пожари и други пожари на отворен простор со претставници од противпожарната служба од Струмица, побараа граѓаните да бидат внимателни.
– Да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, меѓи и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење на отпад и друг запаллив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари. Да се почитува забраната за движење низ шумите и зголемена будност и внимателност поради превенција од пожари кои би предизвикале општа опасност и загрозување на животот, здравјето и имотот на граѓаните, ова се дел од препораките.
Локалниот совет за превенција ја истакнал потребата од унапредување на соработката на државните со општинските институции, обезбедување и размена на податоци за полесна комуникација и проактивен пристап преку едукација на населението, со вклучување на месните заедници од руралните средини, ловечките, еколошките и планинарските друштва.