Под покровителство на вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика и претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери вечерва во Скопје беше одбележана 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
– Охридскиот рамковен договор и неговите принципи го претставуваат единствениот начин со кој во нашата држава ќе се развие и унапреди демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер и сите наши граѓани еднакво ќе ги уживаат сите права. За да биде ова реалност потребни се политичари визионери, со голема одговорност и цврста волја, кои ги сплотуваат, а не кои ги разединуваат своите сограѓани, порача претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање.
Тој нагласи дека овој значаен документ на мирот и на помирувањето меѓу граѓаните се изготви и потпиша со политичка волја и со олеснување од меѓународната заедница и се заблагодари за посотјаната поддршка што и се дава на земјава.
– Овој документ беше само една основа, рамка над која се извршија уставните измени и законските реформи, рече Џафери.
Пратеничката Фросина Ременски посочи дека Охридскиот рамковен договор стави крај на почетокот на конфликт со елементи на граѓанска војна во Македонија.
– Можеби 16 години се малку за да можат граѓаните од земјава и земјите од Балканот да го разберат и да го прифатат концептот на граѓанска држава, наспроти концептот на национални држави, но времето ќе покаже дека само граѓански концепт на држава во која слободно живеат рамноправни граѓани кои припаѓаат на различни етнички, јазични и културни заедници може да ја сфатат смислата за напуштање на историската, националната и етничката фиктивизација како основа за пратење на современите меѓународни односи на земјите во регионот, рече Ременски.
Клучно за Македонија, додаде, е градење на мостови за соработка со соседите без предрасуди и напуштање на етнонационалиситичката реторика која раѓа непријателства.
Вицепремиерот Лика порача дека е свесен оти не било лесно страните да седнат на иста маса и да дојдат до договор кој ќе ги хармонизира и синхронизира интересите на сите заедници кои живеат во Македонија.
– Иако самиот акт на потпишување на договорот и неговото стапување во сила станувајќи дел од Уставот имаше поддршка од политичките структури, не беше потполно применет во пракса. Сепак, неговиот дух служеше како катализатор и во одредена мера ги чуваше надежите на граѓаните за да не се отстапи од евроатлантските стремежи, рече Лика.
Посочи дека новата Влада прави чекори да ги хармнизира односите со соседите за да се доближи до полноправно членство во ЕУ и НАТО.
– Охридскиот договор игра голема улога во демократизацијата и интеграцијата на државата. Сегашната Влада со својата програма во однос на внатрешната и надворешната политика несомнено покажува дека се стремиме кон евро-атлантските вредности и можам д акажам дека нашата држава веќе ги направила првите чекори со кои сме поблиску до нашата крајна цел, потенцира Лика.
Со одобрување на законот за јазици, додаде, ќе се покаже дека сме на прав пат кон реалзиација на реформите и понатамошна демократизација на државните институции.
Во рамки на прославата на 16-годишнината од потпишувањето на Раковниот договор беше промовирана монографијата „Охридски договор“ од проф. Милаим Фетаи во која се опфатени сите дискусии во врска со Договорот од неговото потпишување до денеска.
Преговорите, за Охридскиот рамковен договор почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.