Општина Македонска Каменица подготвува пакет мерки со кои ќе се воведе нов правилник за наплата на вода и други олеснителни мерки, со цел да се надмине револтот на граѓаните поради недостигот на вода во оваа општина во сушниот период. Градоначалникот Дарко Митевски денеска изјави дека пакет мерките кои ги подготвува Општината ќе бидат доставени до Советот.
– Ќе се обидеме да го решиме проблемот со недостигот на вода за пиење. Планираме пакет мерки кои ќе ги предложиме до Советот со нов правилник за водоснабдување и начинот на наплата и олеснителни мерки кои ќе ги спроведеме за да го намалиме револтот кај граѓаните кој беше присутен изминатиов период, поради големата суша која предизвика намалување на количините вода во изворите од каде Македонска Каменица се снабдува со вода. Очекувам секој совесен и одговорен граѓанин да ги има предвид мерките кои ги презема Општината за надминување на состојбата, рече Митевски.
Тој додаде дека поради сушниот период во земјава и регионот, водата во изворите во последните 15 дена е енормно намалена, а потрошувачката на вода е двојно зголемена, па повисоките делови од Македонска Каменица немаат воопшто вода.
– Количеството на вода кое пристигнува во базените е намалено, ако од изворите на Горештица нормално се добиваше по 25 литри во секудна во најтешките денови, таа се намали на 6-7 литри во секунда. Затоа презедовме низа мерки, како рестрикција на водата, направивме и зафат за нови извори кои ги приклучивме на старите дренажи, па водата не беше во соодветен квалитет. Морам да потенцирам дека секој ден се земаат проби од воводниот систем и се прават анализи во Центарот за јавно здравје, но денес по врнежите во селото Саса повторно се ставија во функција старите извори и денес водснабдувањето е стабилно, но тоа не значи дека ако продолжи сушата повторно нема да се јави проблеми со водоснабдувањето, истакна Митевски.
Тој упати апел до граѓаните за рационално користење на водата.
– Треба да ги имаме повисоките императиви како цел, а тоа е дека е потребно да имаме водоснабдување и да имаме стабилна водоводна мрежа во овој период кога се намалени изворите и се надевам дека ќе се стабилизира состојбата за краток период, истакна Митевски.
Новите анализи од Центарот за јавно здравје покажаа дека водата во Македонска Каменица е исправна за пиење.