Декоративни гамбиони од мермер и речен камен и украсни форми од дрво засадени со разни видови цвеќе, се поставени по Кејот на Крива Река.
Раководителот на секторот Паркови и зеленило во Јавното претпријатие Комуналец Драги Пејчиновски информира дека гамбиони ќе бидат поставени на неколку локации во градот.
– Еден гамбион е лоциран кај градскиот парк, до фонтаната. Се подготвува друга локација, кај обиколницата на магистралата А2, м.в. стара кожара, каде ќе се озелени и хортикултурно ќе се уреди целата површина. Останати гамбиони и украсни дрвени форми засадени со цвеќе ќе бидат поставени во минор коритото на Крива Река, рече Пејчиновски.
Од 15 август секторот Паркови и зеленило ќе почне со сеење есенско цвеќе.
– Од следната недела ќе почнеме со сеење љубичици во оранжериите на претпријатието, додека биде набавен расад примула и хризантеми кои до есен ќе се одгледуваат во фолиите. Од октомври сите, околу над 4.000 корени цвеќе, ќе бидат засадени за обнова на цветните насади на јавните површини во општината, изјави Маре Стојановска, заменик раководител во Паркови и зеленило.
Интензивно се работи и на одржување и наводнување на сите зелени површини, во два соодветни термини дневно.
– Се вршат подготовки за чистење на вегетација и уредување на двете страни на речното корито, од зелениот пазар кон периферијата на градот, дополни Стојановска.
Со средства од Општина Крива Паланка, ЈП Комуналец гради јавен тоалет на Кејот кај Градскиот парк.