„Се наоѓаме пред куќата на семејството Петровски на улица „Дурмиторска“ во населбата Ченто, Општина Гази Баба.
Тони Петревски е со вроден инвалидитет и попреченост и е врзан за својата инвалидска количка.
Со цел да му го олеснат пристапот до домот, неговите пријатели и другари во текот на изминативе два месеца му помогнаа и изградија пристапна патека и остава за инвалидската количка.
Но по изградбата на патеката и оставата, Општина Гази Баба и овластениот градежен инспектор донесуваат заклучок за рушење на изградениот објект остава со димензија два на два метри.
Заклучокот што е доставен вчера, предвидува рушење на објектот само за еден ден, а трошокот за рушењето е на товар на семејството. Жалбата, се наведува во заклучокот, не го одлага извршувањето.
Од друга страна семејството Петровски се обраќа до Владата на Република Македонија каде што е наведено дека имаат изградено пристапна патека со остава за количката на нивното дете.
Владата на Република Македонија во својот допис од 18.07. оваа година го исвестува семејството Петровски, цитирам,, Согласно член 73 став (1) од Законот за градење , одобрение за градба не е потребно за повеќе видови градби, меѓу кои и градби со кои се овозможува и олеснува движењето на лица со инвалидитет до и во градбата,, завршен цитат.
И покрај дописот на Владата општината не се откажува од намерата за рушење на овој објект. Таквото однесување на градоначалникот Тони Трајковски и неговите испекциски служби е нехумано и скандалозно. Наместо да ги подобруваат условите за живот на лицата со инвалидитет, тие дополнително им го отежнуваат.
Преку целосна правна помош ќе му помогнеме на семејството Петровски да ја зачува оваа пристапна патека и остава. Во меѓувреме упатуваме апел до Трајковски и општината да покажат човечност и разбирање и да се откажат од рушењето.
На 15ти октомври доаѓа крајот на неодговорното работење и самоволно рушење објекти на граѓаните од страна на Трајковски и неговите соработници. Граѓаните на Гази Баба ќе добијат нова одговорна локална власт која посветено ќе работи на подобрување на условите за живот на граѓаните, особено на лицата со инвалидност и попреченост“, изјави Борче Георгиевски, претседател на ОО СДСМ Гази Баба.