Царинските службеници од граничниот премин Табановце – автопат спречија обид за криумчарење лекови за човечка употреба. Како што соопшти Царинската управа, привремено се задржани над 78 илјади разни таблети, капсули, масти, капки и ампули.
Вчера, во пладневните часови, за влез во државата се пријавило патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонскиот државјанин Б.Д., во придружба на лицето С.Д., исто така македонски државјанин. Патниците изјавиле дека немаат ништо за пријавување за царинска контрола, но царинските службеници одлучиле да извршат контрола на возилото при што во багажникот пронашле 7 картонски кутии полни со различни видови лекови.
Вредноста на лековите, кои се со потекло од Грција, е процената на преку 380 илјади денари.
Согласно Законот лекови и медицински помагала, увозот и транзитот на лекови за физички лица е дозволен само во количини за лична употреба и со потврда од матична здравствена установа дека соодветствуваат на препишаната терапија.
Осомничениот е предаден на инспектори од Одделението за истраги. По завршувањето на истагата ќе биде поднесена соодветна пријава за утврдување на неговата одговорност.