Во Крива Паланка и Ранковце досега се поднесени 300 барања за земјоделски субвенции, соопшти Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Интересот на земјоделците е голем, а рокот за аплицирање истекува на 30 август.
– Ако се земе предвид досегашната пракса, очекуваме повеќе барања кон крајот на рокот. Сите земјоделци можат да се обратат кај нас за детални информации во однос на мерките и подмерките за кои се аплицира, вели Славче Станковски од Подрачната единица.
Субвенционирање по обработлива земјоделска површина е предвидено за сите поледелски култури, освен за тутунот, житарки, градинарство, сточарство, растително производство и овоштарство.
Лани на подрачјето на двете општини биле поднесени 1.265 барања за директни плаќања.
– Дополнително годинава имаме регистрирани нови 120 земјдоелци во овој реон, со што, очекуваме бројот на барања за субвенции годинава да достигне околу 1400-дополни Станковски.
Aплицирањето во ПЕ на МЗШВ ќе трае заклучно со 30 август, додека во Подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството барања ќе може да се поденсуваат до 15 септември 2017 година.