Женската граѓанска иницијатива АНТИКО – мрежа на граѓански организации за женски човекови права, преку отворено писмо го осудува, како што се наведува, „дискриминаторскиот пристап на организаторот на 31. Меѓународен Атлетски маратон што секоја година се одржува во Охрид на 8 септември“.
Според нив, дискриминаторска е разликата во паричните награди предвидени за атлетичарите во машка и женска конкуренција.
– Ова покажува дека дури и во услови на иста стартна позиција помеѓу жените и мажите, односно можноста да се натпреваруваат на истата патека, сепак, надоместокот, односно наградата не е ист за жените и мажите. Таквиот пристап ниту е во согласност со спортскиот дух, но уште поважно не е во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите каде, меѓу другото, децидно е наведено дека се забранува дискриминација врз основа на пол, во јавниот и приватниот сектор во многу области меѓу кои и во спортот, се наведува во писмото.
Тие бараат промена на критериумите за вреднување, изедначување на наградите без разлика на полот.
Пецо Неданов од Организацискиот одбор на маратонот, изрази жалење поради таквата ситуација, со забелешка тоа е некаква последица на се она што е видено на маратонот во последните неколку маратонски изданија, кога поради недостиг на средства беше доведено во прашање и одржувањето на маратонската трка.
Неданов во изјавата за МИА рече дека и тие би сакале поголем фонд за награди и во двете категории, но оти со години наназад како организатори немаат никаква финансиска поддршка, ниту од локалната власт, ниту од националните институции.
Тој најави дека ќе направат се што е во нивна моќ за изедначување на наградниот фонд за двете категории атлетичари, но оти за тоа би требало да има поголем број натпреварувачки на маратонот, барем некаде 30 отсто од бројот на пријавени во машка конкуренција.
– Ние би сакале да имаме доволно средства за исти награди, но со овие средства со кои години наназад кубуриме само да го одржиме маратонот, не е во ред од сто пријавени мажи со истрчано време од 1:50 часа четвртопласираниот да не добие ништо, а од друга страна од десет пријавени жени, второпласираната да добие награда како атлетичарите, со истрчано време од над три часа. Тоа е дискриминирачки за машките атлетичари, а и не придонесува кон поголема масовност кон која целиме, рече Неданов.
Од Организавискиот одбор на Охридскиот атлетски маратон уште на завршувањето на трката минатата година предупредија дека доколку не добијат каква било помош, тешко ќе оди организацијата на наредните трки во Охрид.
Тогаш Неданов изјави дека не знае што да им одговори на маратонците кои после завршувањето на трката го напуштаат Охрид со најава за учество наредната година.
– Секоја година кубуриме со средства и веќе е непријатно да се бараат пари од едни исти спонзори. Уредно со документација доставивме молба до Општината Охрид да помогне да покрие половина од трошоците за наградниот фонд и за организација на трката, а ние останотото со помош на пријатели и спонзори да го надополниме. До ден-денес немаме никаков одговор од Општина и веројатно ќе бидеме приморани да ја прекиниме атлетската традиција што ја негуваме во Охрид, стои во изјавата на Неданов од минатата година.
Атлетскиот маратон во Охрид се одржува од 1976 година, а се до 1993 година на 7 ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. Од 2004 година наваму маратонот добива меѓународен предзнак и, со исклучок на 2011 година, се одржува секоја година на 8 септември по повод Денот на осамостојувањето на Република Македонија.