Министерството за образование и наука соопшти дека министерката Рената Дескоска и нејзиниот тим работат на изнаоѓање системско решение преку нови законски решенија за поддршка и мотив за учениците и нивните ментори во освојувањето највисоки признанија на светските натпревари.
– Министерството за образование и наука има предвидено доделување парична награда за освоен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата. МОН изразува жалење што до сега младите таленти од Република Македонија не беа поддржани од институциите во однос на покривањето на патните трошоци или, пак, подготвителните часови, информира МОН.
Во соопштението МОН упати честитки до националните сојузи за хемија, физика и математика за освоени бронзени медали на меѓународни натпревари кои се одржале овој месец – тимот предводен од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија го освоил бронзениот медал на 49. Интернационална хемиска олимпијада во Натхон, Патхом, Тајланд, Друштвото на физичарите на Република Македонија – на 48. Меѓународна олимпијада по физика во Џогјакарта, Индонезија, а Сојузот на математичари на Република Македонија го освоил бронзениот медал на 58. Меѓународна олимпијада по математика во Рио де Жанеиро, Бразил.
– Постигнатиот резултат претставува успех не само за сојузите, односно друштвата, туку и успех за Република Македонија. Со постигнатите резултати тимовите на хемичари, физичари и математичари покажаа и докажаа дека Република Македонија има млади луѓе, ученици, научници кои стојат рамо до рамо со своите врсници од целиот свет. МОН е во исчекување на резултатите од 29. Меѓународна олимпијада по информатика во Техеран од 28 јули до 4 август 2017, на која ќе учествува тим од Здружението на информатичарите на Република Македонија, соопшти МОН.