Земјоделците да ги наводнуваат посевите и да посветат посебно внимание на заштита од болести и штетници зашто топлото време е погодно за нивен развој, препорачуваат агрометеоролозите.
Предупредуваат и дека земјоделските култури во моментов, поради високите температури, се изложени на температурен стрес и недостиг на вода во почвата.
– Топлото време негативно влијаеше на земјоделските култури, посебно на нивниот развој, а се очекува да влијае негативно и на квалитетот на нивните плодови. Во минатиот период имавме локална појава на врнежи на одредени места, а поголема количина врнежи се забележани само во северниот дел од Македонија, но и тие не ја задоволуваат потребата за вода на земјоделските култури, соопшти УХМР.
Во наредниот период се очекува топло и стабилно време, со високи дневни температури и ниска релативна влажност на воздухот, а на одредени места минималните температури ќе бидат над 20 степени.
– Ваквата временска состојба се очекува и натаму негативно да влијае врз земјоделските култури, со предизвикување температурен стрес и недостиг на вода во почвата. Затоа, приоритет на земјоделските производители треба да биде снабдување на земјоделските култури со потребното количество вода, велат агрометеоролозите.
Во наредниот период се очекува стабилно сончево и се потопло време. Нестабилност се очекува во недела и понеделник, во северозападниот дел од Македонија. Можна е локална појава на врнежи. Најтопло се очекува да биде кон средината на следната недела.