Покрај „Порше 959“ моделот „Ферари Ф40“ беше и остана икона меѓу суперспортските автомобили од 80-тите и почетокот на 90-ти години на минатиот век.
Овие денови се навршуваат точно 30 години откако во Маринело официјално бепе претставен моделот „Ферари Ф40“.
Легендарниот модел воедно беше и последниот автомобил со амблемот на кренатиот коњ што беше создаден за време на животот на основачот на компанијата, Енцо Ферари, кој почина во август 1988 година.
„Ф40“ бил развиен во тајност, а самиот процес се одвивал многу брзо – автомобилот се појавил на патиштата само 13 месеци откако во јуни 1986 година почнала работата врз моторот што во него ќе се користи.
Агрегатот бил развиен од единицата што го придвижувала „Ферари 288 ГТО, а во „Ф40“ овој 2.9-литарски В8 би-турбо произведуваше 478 кс (352 кW).
За максимално да го олеснат возилото, инженерите користеле лесни материјали секогаш кога тоа било можно, широко бил употребуван магнезиумот, а конструкцијата од челични цевки била зајакната со панели од кевлар.
Во изработка на каросеријата користени биле јаглеродни влакна, а за прозорците пластични материјали.
Целта на „Ферари“ била да се направи вистински возачки, бескопромисен авотмобил без електроника, а со минимален конфор за возачот.
Во периодот од 1987 до 1992 година од фабричките ленти се симнаа повеќе од 1.300 примероци од моделот „Ф40“. Денеска добро сочуван „Ферари Ф40“ на продажните аукции редовно достигнува цена поголема од милион долари.