Во рамки на работата посета на Штип, по средбите со работниците и менаџментот на фабриките од текстилната индустрија, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одговараа на новинарски прашања.
Дали ќе одговорите на повикот на опозицијата да го декласифицирате договорот за добрососедски односи со Бугарија, и како ја коментирате изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева?
Зоран Заев: Договорот со Бугарија отвара сериозни перспективи за Макеоднија. Во самиот договор Македонија има големи придобивки. Договорот ќе биде склучен и конечен кога ќе го ратификува парламентот. Сè претходно е процедура која што се спроведува согласно законите и позитивната политичка волја. Првиот дел на процедурата беше затворена седница на Комисијата за надворешни работи при парламентот, зашто така налага Виенската конвенција. Нешто што не е потпишано треба внатрешно, на затворена сесија, да се дискутира. Преминуваме во следна фаза на дискусија во Владата. Кога ќе се финализира договорот согласно сите сугестии што ги добиваме од експертската јавност, од парламентот, од владата, се надевам ќе дојде до склучување на договорот. Тоа зависи од двете страни, ние нашите позиции ги градиме. Но, дури и потписот на Заев е дел од процедурата која што тече. Договорот се носи од парламентот. Парламентот гласа. Ако е нешто на штета на Македонија, парламентот има одговорност директно пред граѓаните и да не се плашиме, тој парламент нема да гласа. Ако е нешто добро за Република Макеоднија парламентот ќе гласа. Сакам да знаете дека јас, како упатен политичар кој што и понатаму бара поддршка од граѓаните, нема да дозволам влакно да и фали на Македонија во нејзините перспективи.
Договорот е севкупен бенефит за сите наши граѓани, затварање на едно поглавје што беше проблематично, во најава на една влада која што сака да решава проблеми и да отвара перспективи за граѓаните. Јас сум радосен што седевме и власт и опоозиција, и Македонци и Албанци и Турци и Роми, сите заедно дебатираме за нешто што е од национален интерес.
Тоа само по себе е придобивка и се надевам дека сите ќе го поддржиме договорот, гледајќи од аспектот дали чашата е полуполна или полупразна. Ај да почнеме да ја гледам чашата полуполна, и со млаку повеќе храброст и лидерство да ги водиме граѓаните, и парламентот и владата и сите заедно.
Од тој аспект ако ги гледаме работите, чувајќи ја нашата национална посебност, нашиот идентитет, нашето чувство дека сме ние различни од сите, со храбри чекори ќ ги отвориме перспективите на сегашните генерации и на тие што доаѓаат после нас.
Дали ќе ги примите родителите на децата со посебни потреби од здружението „5 до 12“?
Мила Царовска: Иницијативата „5 до12“ е партнер на министерството за труд и социјална политика, а беше партнер и претходно кога ја креиравме програмата. Јас сум во секојдневна комуникација со нив и токму пред да дојдам во Штип бев да ги посетам нив во кампот. Поразговарав и со лидерите, но и со сите други кои беа присутни таму. Она кое што го разговаравме и кое што јас го дадов како изјава пред токму еден месец, е преточено во законски текст и тоа е фактичка состојба. Текстот е јавно објавен, доставен е и до нив, тие се членови на работната група. Многу е важно да знаете дека ние секој ден работиме за унапредување на правата на лицата со попреченост. Во моментов се гради центар за поддршка на дечиња со Даунов синдром. Во законот предвидуваме персонална асистенција, нешто што до сега во закон никогаш не било предвидено. Ние не можеме утре да имаме персонални асистенти ако немаме законски основ и ако немаме стандарди и протоколи во однос на персонална асистенција. Тука е мерката што им ја нудиме сега, а тоа е посебниот додаток да премине во додаток за туѓа нега, директно без да поднесуваат барања. Исто така и посебниот додаток го отстрануваме како бариера така да секоја година нема да мора да поднесуваат соодветна документација, сето тоа е олеснување на родителите. Дополнително со Министерството за здравство комуницираме за тоа конзилијарното мислење за туѓа нега се укине. Со тоа се штедат сретства на секое семејство, но исто така и шетањето од институција во институција. Навистина сметам дека многу направивме во овој месец, и тие се партнери, секој ден сме во комуникација, и навистина не гледам пречка да и понатаму тоа да остане така. Да направиме најдобри промени во интерес на децата и лицата со попреченост.
Министерке околу стратегијата за бегалци имаше критики овие денови. Дали е точно дека Македонија ќе прими 150 000 до 200 000 бегалци?
Мила Царовска: Македонија се декларираше и останува на ставот дека е транзит земја за мигрантите кои што се движат по нивната рута. Многу е важно да знаете дека Македонија ја ратификувала конвенцијата за бегалци во 1994 година. Во 2007 и во 2010 година имавме промена на законот за здравствено осигурување и социјална заштита со што се регулираат правата на бегалците во Македонија и оние кои што се баратели на азил. Исто така во 2009 годин е донесена првата национална стратегија за заштита на бегалците и нивните права што се однесуваат на домување интеграција, образование на бегалците. Значи, тоа е стратегијата 2009-2015 година.
Ова е само документ кој што ние, во духот на транспарентноста на новата влада го објавуваме на веб страната со цел граѓаните, здруженијата на граѓани, меѓународната заедница, да дадат придонес и да го коментираат за позитивни насоки. Овој документ мора да го има Македонија како сериозна држава која што ратификувала конвенции и има законски основи за донесување на оваа стратегија како продолжение на предходниот документ, да биде најдобро што може. Секако, значи, никакво вклучување и обезбедување на домување на 150 000 мигранти нема во овој момент и ве молам, ние целосно стоиме зад тој документ дека тоа е само стратешка позиција на Македонија во делот на мигрантите кој што мора да имаат обезбедено права согласно меѓународни документи.
Зоран Заев: Дозволете само да дополнам. Во основа на тоа прашање, министерката е стручна и таа ја тера таа тема. Бегалците транзитираат низ Македонија. Но, кога транзитираат не можете да немате законска основа за да му помогнете на детенцето на кое што му треба помош, на мајката, на родителот, на таткото. Македонија потпишала меѓунаросни конвенции и мора да се држиме до нив во делот на хуманоста и солидарноста. Самиот факт дека бегалците транзитираат низ Македонија покажува дека е лага секоја шпекулација што вели дека Македонија донела декларација за да може да апсорбира бегалци. Бегалците транзитираат низ Македонија.