Германскиот производител на автомобили Дајмлер соопшти дека доброволно ќе повлече три милиони дизел „мерцедеси” во Европа, за да ги подобри перформансите во контролата на емисијата на штетните гасови.
Компанијата од Штутгарт соопшти дека презема таков чекор за да ја „зголеми довербата во технологијата на дизел моторите”, пренесува Б92.
Дизел моторите се под лупа откако конкурентот на Дајмлер, Фолксваген призна дека во возилата инсталирал илегален софтвер кој помагал на автомобилите да ги поминат тестовите за емисија на штетни гасови, но во секојдневното возење ги исклучувал контролите.
Извршниот директор на Дајмлер, Дитер Цече изјави дека „јавна расправа за дизел моторите создава несигурност, посебно кај клиентите”.
Повлекувањето ќе ги покрие речиси сите возила кои се произведени според ЕУ5 и ЕУ6 стандардите за емисијата и ќе почне во наредните неколку недели.
Во соопштението на Дајмлер се наведува дека процесот ќе чини 220 милиони евра, но дека клиентите нема да платат ништо.