„Во јавноста деновиве, и покрај тоа што се водеше законска и уредна постапка од страна на Општина Карпош за отстранување на времен објект- гаража на улица Букурешка број 35, поставена на јавна пристапна патека, се појавија низа контроверзни коментари и непосакуван одиум. Во интерес на веродостојно информирање на граѓаните би сакале да ги посочиме следните факти:
Според важечкиот Деталниот урбанистички план донесен на 05.01.2016 година во рамки на Градска четврт З 06, опфат помеѓу булевар Партизански одреди, булевар 8-ми Септември, булевар Македонија и улица Московска, како и стариот ДУП за Тафталиџе 1 Север-Југ од 08.06.2012 година на местото каде што е времениот објект-гаража која е бесправно изградена е предвидена пристапна патека во широчина од 3,5 метри.
Георги Петковски на 1.09.2011 година поднел барање за легализација на времениот објект (кој како таков е утврден уште во 2015 година од страна на Комисијата за утврдување на бесправно изградени објекти)-гаража на улица Букурешка бр 35. После поднесувањето на барањето за легализација во меѓувреме, гаражата дополнително е доградувана, покриена со салонит и на неа е ставена врата.
Ваквото барање за легализација на 3 март 2017 е одбиено врз основа на основа на позитивните законски прописи, односно врз основа на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Според тој Закон, бесправни времени објекти, освен времени објекти наменети за домување (што во случајов не е гаражата) не се предмет на легализација согласно Законот за легализација.
Овластениот градежен инспектор на Општина Карпош после неколку вонредни и контролни инспекциски надзори на 13 јуни годинава дефинитивно носи Заклучок за дозвола на извршување, односно решението за уривање на гаражата дивоградба станува извршно.
Решението со кое се одбива легализацијата на гаражата, инвеститорот Марија Петковска го обжалува, но жалбата и е одбиена од страна на Второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски. Жалбата не го одложува извршувањето“, се вели во соопштението на Општина Карпош.