ВМРО-ДПМНЕ повика да не се стопира реализацијата на проектот за Антички театар Скупи и археолошките истражувања на локалитетите низ државата.
Опозициската партија го обвини СДСМ дека со стопирање проекти преку новиот ребаланс на буџетот кои, како што посочува, се од витално значење за културата и културното наследство, значи навреда и потценување на илјадници археолошки работници кои работеле со години на тие истражувања.
– На Алаѓозовски и на СДС воопшто не им е важно дали ќе се стопира изградбата на Античкиот театар Скупи. Античкиот театар кај Скупи е проект кој беше поздравен од младите и граѓаните, бидејќи беше предвиден да собира публика од 8 до 10.000 гледачи и предвиден беше да се одржуваат разноразни културни настани и забави. СДС ги скрати и средствата за археолошки истражувања за над 70 проценти. Со ова стопира истражувања на локалитети и заштита на културното наследство, рече на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсте Јовановски.
Според него, тоа е лицемерно од страна на СДСМ бидејќи, рече, тие цело време обвинувале дека се водело негрижа кон културното наследство.