Околу 50 Палестинци се повредени во текот на изминатата ноќ во судири со израелската полиција во близина на заедничкото светилиште на евреите и муслиманите во Ерусалим, Ридот на храмот, јави ДПА.
Како што соопшти денеска Црвената полумесечина, во немирите 15 лица биле погодени од гумени куршуми.
Како реакција на судирите партијата на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Фатах за утре најави „Ден на гневот“.
Тензиите беа предизвикани од новите безбедносни мерки, преземени од израелските власти на крајот од минатата недела, откако неколку полицајци беа нападнати на местото што меѓу муслилманите е познато како Благородното светилиште, а меѓу Евреите како Ридот на храмот.
Големиот муфтија на Ерусалим, Мохамед Ахмед Хусеин, ги критикуваше новите мерки, што вклучуваат и поставување метални детектори за контрола на пристапот до влезот на местото, оценувајќи ги како промена на статус кво ситуацијата.
Палестинците стравуваат дека Израел се обидува молчешкум да ја поврати контролата врз Ридот на храмот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот нагласи дека не сака да го промени статус квото, што на муслиманите им дава религиозна контрола врз местото, а на евреите им дозволува да го посетуваат, но не и да се молат во него.
Претходно, истиот ден, тројца израелски Арапи на Ридот на храмот убија двајца и ранија уште еден израелски полицаец. Напаѓачите беа убиени.