Начурал Њуз – Њујорк
Британската научничка Дајен Џонсон се бави со изучување на помали вселенски камења и тоа од времето на древниот Египет.
Приказната која ни ја раскажа не е само приказна за науката, туку и приказна за мали фантазии од детството кое со време и станале опсесија остварена преку сериозни животни, но и научни проекти.
– Јас сум само англиски копач кој од мали нозе знаеше дека метеоритите и Египет ќе бидат дел од неговиот живот. Би сакала вашите читатели да ме доживеат токму како мал Египќанец во тело на бледа Англичанка од Манчестер. Верувам дека на ист начин ќе ја доживеат и страста која ја имам кон своите истражувања, Џонсон, која е членка на проектниот тим Арјон фром скај и моментно е вработена како самостоен истражувач на Опен Универзитетот во Англија.
Таа пред се е египтолог која има канцеларија во Велика Британија, физичар кој не пишува формули, историчар кој никогаш премногу не зборувал за историски книги. Кога мотивите се во прашање, Дајен вели дека од секогаш има напредок.
– Најдобро да почнам хронолошки, бидејќи така некако и работите се вклопуваат во нашите истражувања. Ова е како некој голем мозаик кој го градиме со децении, векови, еони, вели Џонсон.
Нејзиниот интерес за оваа тема почнал кога имала 12 години. Тогаш го добила на подарок првото парче од вселената, својот прв метеорит.
– Со тек на времето научив да ги разликувам поимите како што се метеори и метеорити, а развив и метод како тие камења од небото да ги барам во својата околина, во Манчестер, Хадерсфилд или Шефилд. Откако направив колекција од 30 камчиња, си реков, Дајен сега е време да преминеш на нешто посериозно, објаснува со голема возбуда.
Волшебна земја
Нејзиното истражување имало еден мал, но необичен вовед. – Прво изедов едно добро колаче. Тоа е мојот совет до читателите: никогаш не почнувајте големи одлуки ако не сте изеле добро колаче пред тоа!, објаснува со смеење и додава дека факултетот го запишала мислејќи дека еден ден ќе добие докторат од астрономија.
– Меѓутоа, по основните студии сфатив дека тоа со кое сакам да се бавам и не е тоа што денес се смета за астрономија. Мене ме привлекуваше да дознаам дали старите Египќани имале некакви знаења за тоа што се ни нуди вселената. Во музеј во Манчестер видов неколку одлични трудови на тема за појава на првите железни орудија во долината на Нил и тогаш беше јасно што е тоа истражување кое толку долго го чекав. Собрав малку пари и заминав на своето прво патување во Египет, додаде Џонсон.
По неочекувано долгиот одмор во Египет, на кој останав три месеци, наместо планираната една недела, стапила во контакт со луѓе кои и свртеле внимание дека нејзината интуиција можеби оди во вистинската насока. Се чинело дека железното доба во Египет всушност почнало многу порано од што вели историјата.
Брзо својата диплома по астрономија ја надоградила со мастер во областа на анализа на материјалите, а по докторатот во кој сето тоа го обединила со материалите кои ги добиваме од вселената, запишала и студии по египтологија на Универзитетот во Манчестер.
Како што вели, целта била на многу подлабоко ниво да го сфати целиот процес за растењето на една голема и значајна цивилизација како што е египетската. Нејзината љубов кон Египет со време станувала се посилна, па сега редовно посетува пријателски семејства во близина на Каиро.
– По моето прво патување во таа волшебна земја се случија многу интересни коинциденции кои само го забрзаа мојот од кон комбинацијата на метеорите и египтологијата. Имено, познавачите на египтологијата, археолозите и други, до крајот на 80-те години од минатиот век недвосмислено сметале дека Египќаните не развиле некои посебно вешти техники за обработка на железото, како и дека не постојат траги дека обработката на овој метал се случувала во долината на реката Нил пред официјално да започне таа ера според историските книги, во 1,5 илјади годни пред новата ера, додава таа.
Меѓутоа ископините кои се извршени во близина на Гирзеја откриле нешто друго. – Класичните пристапи не можат да објаснат од каде железо и неговото користење во Египет во толку ран период и зошто многу железен накит е најден во многу гробови ако Египет официјално не знаел за тој материјал во 4 до 5 илади години пред новата ера, објаснува британската научничка.
Гирзеанската култура се смета за многу интересен период во стариот Египет. Таа спаѓа во прединастија. Се простирала во областа на долна и горна Нубеја, како и во долината на Нил. Гробиштата кои се во околината на истоимениот град се сметаат за скапоцена оставнина на тоа време. Тоа е тоа што го знаеме од историјата.
– Кога примероците од Гирзеја беа донесени во музејот во Манчестер, дознав дека меѓу нив постојат интересни траги на разни сечива и слични предмети. Тогаш бев втора година на докторски студии и барав специјална дозвола од музејот да ми се одобри дополнителна анализа на тие вредни остатоци. Тие беа многу восхитени во врска со мојата идеја, ме поддржаа од почетокот до крајот и неизмерно сум им благодарна, додаде Џонсон.
Откако своите анализи ги спровела на железните алки кои ги добила за потребите за истражувањето од тој период, во понатамошните истражувања се покажала слична работа и со бодежите, или макар нешто што укажувало на тоа дека овие предмети во древните времиња служеле како бодежи.
– Тоа што го откривме направи мала револуција во нашето разбирање за материјалите користени во древните времиња. Египќаните први се сретнале со железото во 3400 година пред новата ера, повеќе од 1000 години пред појавата на првото железо доба запишано во историјата. Но, уште позначајно, тоа железо не било од земско потекло, туку дошло директно од вселената, преку метеорити, потенцира Џонсон.
Бидејќи оксидацијата на материјалот многу ја отежнува анализата, не било едноставно да се објасни структурата на толку стар материјал во денешно време.
– Да, тоа беше голем проблем, вели др. Џонсон. – Иако со техниките кои ги развивме, ние успеавме да заклучиме колкава е количината на никел и уште некои компоненти во состав на железото кое го анализиравме. Во тој метален остаток проценивме дека оригиналот содржел околу 30 отсто никел, додава таа.
Познато е дека никелот со кобалтот се во состав на железото во метеоритите, поради тоа немаше дилеми пред какво откритие се наоѓаат.
– Првите резултати на нашата анализа покажаа дека пред себе го имавме најстариот железен примерок некогаш најден и употребуван во историјата на стариот Египет. Интересно е дека студии на овие исти метални алки биле спроведувани неколку пати пред нашата, да речеме 1912 година па потоа и во 1978 година, но ниту една не успеала да го поврзе постоењето на железото со метеоритите, објасни британската научничка и додаде дека тоа многу ги зачудило.
Наспроти тоа, Египќаните никогаш не биле познати во историјата како врвни познавачи на обработка на железото. Според Џонсон, причината за тоа се важни делови од мозаикот кои недостигаат. – Египќаните можеби и не знаеле како да обликуваат некои примероци кои се поголеми и потешки, па тие завршувале кај околните народи кои имале поголема дарба да ги усовршат тие техники, потенцира таа.
– Едно скорешно откритие предизвика големо медиумско внимание. Тим од мои колеги од САД и Велика Британија покажа дека и мечот од гробницата на Тутанкамон, кој го нашол археологот Хауард Карпер уште во 1925 година, всушност е направен од железо од метеорити, потенцира таа додавајќи дека убавината и стилот на тој бодеж укажуваат на тоа дека не го обликувале Египќаните, туку тој е добиен како подарок од друг народ или уште поверојатно владетел, кој со тоа сакал да ја изрази својата поврзаност со Тутанкамон.
Џонсон е сигурна во тоа дека историјата на еден голем народ мора да биде откриена до крај. – Откривме некои неверојатни работи и нема причина да не продолжиме. Јас би сакала да дознаам дали Египќаните знаеле дека пред себе имаат нешто што е од вонземско потекло, вели таа.
Земајќи го предвид начинот на кој тие ги третирале божествата во тоа време, може да се претпостави дека техниките за обработка или барем чувањето на тоа парче од универзумот го негувале подоцна со генерации.
– Тој континуитет го нема и ние мораме да се прашаме зошто, истакна Џонсон.
Докторката Дајен Џонсон наскоро ќе ја гледаме на британската телевизија Би-Би-Си. Таа својата египетска авантура ја продолжува со телевизиски камери кои паралелно со нејзината истражувачка работа ќе снима прилози за тоа на кој начин живеел стариот Египет во долината на Нил.
Како што истакна „поврзувањето на културата на познавањето и употребата на метеоритите, како и учењето за другите народи е наша должност откако на маса ќе ставиме документи и ќе ги оставиме компјутерите со многу равенки, анализи и компјутерски кодови”.