Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли. На средбата, како што соопшти Министерството за економија, посакувајќи си добра соработка во периодот што следи, е потврдено значењето од продлабочување на економските релации меѓу двете земји, како основа за реализација на воспоставените прироритети.
На средбата е направен кус осврт на Самитот во Трст и инвестициската поддршка на Западен Балкан во енергетиката и инфраструктурата, со цел обезбедување конкурентност и одржливост на земјите од регионот, на нивниот пат кон ЕУ.
Министерот Бектеши ја истакнал и цврстата решеност за продолжување на реформите во енергетскиот сектор согласно потребната динамика, информирајќи дека веќе се работи на новиот нацрт текст на Законот за енергетика, кој во наредните 3 месеци ќе резултира со нов предлог закон, во кој ќе бидат имплементирани новите европски директиви. Според Бектеши, од него ќе произлезат и новите програми во кои акцентот ќе биде ставен на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, па оттаму добредојдена ќе биде и поддршката за продолжување на проектите за воведување на енергетски ефикасни мерки во јавни згради.
Во делот на инвестициите, како значаен двигател на економскиот развој, министерот Бектеши информираше дека само во ТИРЗ-овите работат 8 компании од САД, со вкупна инвестиција од 150 милиони долари во фази, што претставува добар сигнал за американските бизнисмени и странските инвеститори, воопшто и дека Република Македонија е подготвена да иницира предлог за спогодба за заемна заштита на инвестициите. Во оваа насока, Бектеши побара експертска поддршка во подобрување на соработката меѓу домашните компании како снабдувачи на странските инвеститори, што би придонело за позасилен локален и регионален економски развој. Притоа, тој појасни дека процесот на воспоставување на ваква соработка е отпочнат преку Б2Б средби, но експертската поддршка е значајна посебно поради различноста на стандардите кои важат на европскиот и на американскиот пазар.
Амбасадата на САД накусо го претстави новиот проект на УСАИД за поддршка на бизнисот за градење на конкурентност и изрази подготвеност да направат презентација на сите активни проекти, вклучувајќи ги и оние што се реализираат за поддршка на развојот на енергетскиот сектор.
На средбата станало збор и за реализацијата на гасоводната инфраструктура, во однос на фазите на гасификација.
Амбасадорот Бејли истакнал дека САД останува силен стратешки партнер на Република Македонија, а воспоставувањето на уште поцврсти економски и политички односи е во заеднички интерес за двете земји.