Пред неколку месеци, како подарок од владата Охрид доби дотраен автобус, употребуван четириесетина години во градскиот сообраќај во Скопје и тогаш советничката група на ВМРО- ДПМНЕ не побара да се донесе одлука на Советот на општина Охрид. Сега нивната советничка група преку медиумите, без нималку политичка зрелост и за ситнопартиски поени, најавува дека ќе предложеле, Советот на општина Охрид да донесе одлука за прием на овој скап подарок, се вели во реакцијата на општина Охрид.
– Во ВМРО- ДПМНЕ треба да знаат дека досега во општина Охрид нема пристигнато никакво официјално известување за подарување на панорамскиот автобус и беспредметно е за тоа да расправа Советот на општината. Наместо за автобусот, доблесно е да предложат Советот да расправа за тоа што придонесе централната власт на чело со ВМРО- ДПМНЕ, или попрецизно кажано, зошто со години го кочи развојот на Охрид. Граѓаните знаат да ги препознаат добронамерните подароци и лажните ветувања. Покрај еден автобус како подарок од власта на ВМРО- ДПМНЕ очекуваа, до Охрид да се изградат ветените автопатишта, железница и да се привлечат странски инвестиции. Граѓаните тоа го знаат и затоа оние кои лажно ветуваат, како што е ВМРО- ДПМНЕ, ќе ги казнат на престојните избори, се вели во писмената реакција од охридската локална самоуправа.