По рекордната 2016 година кога низ цел свет испорача околу 2,1 милиона автомобили, германскиот производител на автомобили „Мерцедес“ и во првата половина на 2017. бележи двоцифрен раст на продажбата.
До својот најдобар полугодишен резултат во историјата, германскиот производител на премиум автомобили стигна откако во првите шест месеци од 2017 година на пазарите испорача 1.144.274 возила, со раст на продажбата од 13,7 отсто во однос на истиот период од 2016 година.
Европа и натаму останува најголем пазар на „Мерцедес“ со 484.120 пласирани автомобили (+ 8,9 отсто) со рекордна продажба во Велика Британија, Франција, Шпанија, Белгија и Швајцарија.
Азиско-пацифичкиот регион е втор по големина со оглед дека на овој пазар се испорачани 438.710 возила со „трикраката ѕвезда“, со раст од 26,7 отсто. Продажбата во Кина е зголемена за 34,5 отсто, а во Јужна Кореја за дури 47,3 отсто.
На северноамериканскиот континент во првите шест месеци од 2017 година „Мерцедес“ пласира 193.399 автомобили, со скромен раст на продажбата од 2,1 отсто.
Само во јуни во светот се продадени 221.874 „Мерцедеси“.