Земјоделци од струмичкото село Зубово денеска се пожалија на слабиот откуп и ниските цени на лубеницата. Велат, се продава по 2,5 до 3 денари за килограм, а поради топлото време и ограничениот откуп, родот скапува на нивите.
– Откупот е ограничен. Лани се товареше повеќе, а цената се движеше од 6,5-7 денари по килограм. Сега ситуацијата е катастрофална. Владата ветува нешто, но не знам како и дали ќе го исполни тоа. Два денари по килограм субвенција, а многу земјоделци ги продале лубениците по четири денари, што значи нема да земат од поддршката, рече Трајко Новков, земјоделец од село Зубово.
Со неговиот став се согласува и соселанецот Горан Котев според кој, оваа ситуација може да ги поколеба земјоделците догодина да не засадуваат лубеници.
– Состојбата со откупот на лубеницата е драматичен. Откуп има, но не доволно за да се продадат сите количини. За предлогот на Владата нема што да кажам, два денара за фактирурани продадени количини, а што ќе биде со овие лубеници кои скапуваат по нивите. Бараме решение, или догодина земјоделците ќе се откажат од производство на бостан или да има некакво обесштетување, рече Котев.
Според производителите, од Зубово, каде што има три откупни пунктови, дневно се продаваат до 100 тони лубеница. Проблеми, велат, има и на откупните центри во Колешино, како и во другите подбеласички села.