СДСМ дојдоа на власт без поддршка од граѓаните, со надворешна помош, и сега им доаѓаат локални избори и пречката им е ВМРО-ДПМНЕ, сакаат да ја ослабнат партијата бидејќи тоа е единствен начин да победат на изборите, рече лидерот на опозицијата, Никола Груевски на денешното гостување на ТВ Нова.
-Им наредуваат на СЈО да ни испрати еден куп обвиненија, планот е да не потрупаат со празни обвиненија без никакви докази и да внесат сомнеж во народот дека сме работеле криминално, вели Груевски.
Тој тврди дека минатата влада никогаш не работела криминално и дека е сосема јасно зашто обвиненијата се пуштија на последен ден. Причината за тоа, како што вели Груевски, е проблемот да најдат некој кој ќе сведочи лажно, бидејќи немаат вистински сведок против него и партијата.
-Тоа се ниски удари, незнаат да ги освојат симпатиите на граѓаните со дела, со резултати, и одат на ослабнување на противникот. Не претрупаа со обвиненија за ние да го губиме времето по судови. Не е пријатно да се оди на суд, но тоа е политиката кога е на власт СДСМ, но не е изненадување, го очекував ова, вели Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за случаите за кои е обвинет од страна на СЈО вели дека ниту еден не е со основ, и целата работа е тој да биде покажан пред граѓаните како криминалец.
Груевски поединечно ги објаснуваше речиси сите предмети за кои е обвинет и според него во ниту еден случај не е виновен.
За предметот ТНТ, односно за рушењето на објектот на Фијат Цаноски, Груевски изјави дека ниту тој, ниту пак тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески немаат никакви ингеренции со рушењето на „Космос“, туку за рушењето виновен е самиот сопственик кој не ги почитувал законите.
За случајот „Траекторија“ кој се однесува на провизиите од автопатиштата, лидерот на опозицијата изјави дека не зел никакви пари од „кинезите“ односно дека на памет не му текнало такво нешто.
-Не сум земал никакви пари, тие сакаат да докажат дека јас сум ги поттикнал другите во овој случај да направат кривично дело, со што јас ќе сум имал награда, не пари, туку пораст на личниот рејтинг, рече Груевски.
За мерцедесот вреден 600 илјади евра, купен со пари од граѓаните, Груевски изјави дека воопшто не се кае што го купил, туку напротив, државата треба да купи барем уште три, четири такви, бидејќи според него срамно е премиерот на државата да се вози во постар автомобил.
-Пропаганда е дека сум аздисал, возилото беше набавено за странски гости, а неформално се разговараше за јас или некој друг кога ќе оди надвор од Македонија да го користи за да не се случи некој да остане на сред автопат, рече Груевски.
Екс премиерот демантираше и дека има наочари од 60 илјади евра и рече дека тоа е една од многуте пропаганди кои се водат против него од страна на СДСМ. Наочарите со кои е сликан чинеле 300-350 евра.
За случајот со изборните нерегуларности во Центар, Груевски изјави дека луѓето што доаѓале добиле државјанство по регуларен пат, а со тоа и право на глас во општината. На тогашните избори, во јавноста излезе информацијата дека во еден стан биле сместени по 50 жители на Пустец за да гласаат на локалните избори, за ова Груевски рече дека за вадење државјанство, граѓаните можат да искористат адреса на некој пријател, па затоа овие жители на Пустец имале лични карти и државјанства на иста адреса.
Лидерот на ДПМНЕ не одговори на прашањето дали ќе си замине од позицијата претседател на партијата, но изјави дека ВМРО, за кратко време повторно ќе биде власт во оваа држава.
Виктор Јованов