Претставници на десет општини од Југоисточниот плански регион на Македонија и нивни колеги од 17 општини од југозападниот регион на Република Бугарија, денеска во Струмица учествуваа на првата обука која е дел од проектот „Размислуваме за компостирање – Посветени на одржување на органскиот синџир“.
Преку обуките на Југоисточниот плански регион во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни Општини од Бугарија овие лица ќе се запознаат со процесот на компостирање, начинот на работа на машините, со цел во наредната фаза да бидат контакт меѓу граѓаните за имплементација на проектот.
– Во наредниот период ќе набавиме 400 машини за компостирање за нашиот регион. Целта ни е запознавање на жителите со придобивките на овој начин на третирање на отпадот, подигнување на јавната свест за селекција на отпад и мотивирање на големите фармери за компостирањето, рече Жулиета Ѓуркова, од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
Во соседна Бугарија велат дека работат повеќе активности насочени кон „зелениот отпад“.
– Преку програми на ЕУ имаме воспоставено големи компостирачки системи на регионалните депонии. Во нашиот регион имаме четири. Овој проект конкретно треба да делува на индивидуалните корисници, рече Љубица Томова, извршен директор на Асоцијацијата на општини од југозападниот регион во Бугарија.
Наредните денови на регионалните медиуми ќе почне емитувањето на промотивниот видео спот, а од 10 август ќе биде објавен огласот за заинтересираните граѓани.
– Огласот ќе трае десетина дена. Заинтересираните треба да се жители на југоисточниот регион и да ги користат компостерите тука. Ќе одиме по принцип „прв дојден, прв услужен“, додаде Ѓуркова.
Инфо деновите и доделувањето на компостерите ќе биде кон крајот на август.
Компостирањето како процес не е доволно застапено во Македонија и на југоистокот иако имало неколку обиди за тоа. Процесот се состои во тоа што отпадот наместо да заврши на депонија, преку селектирање да се собира, компостира и да биде претворен во органско ѓубриво. Со намалувањето на отпадот ќе се добие поздрава и поубава животна средина, што всушност е целта на овој проект. Компостирањето ја подобрува структурата на почвата и овозможува да се задржат хранливите материи, влагата и воздухот за подобрување на растот на растенијата.
Планирани се две студии за „Анализа на потенцијалите на компостирање во пограничниот регион“. Студиите ќе содржат информации за потенцијалите за компостирањето со кои располага нашиот регион како и бенефитите од употребата на овој процес.
Проектот е финансиран од Европската унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија-Македонија, ќе се имплементира 15 месеци, а вкупниот буџет за реализација изнесува 117 илјади евра.