Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати честитка до американскиот претседател Доналд Трамп по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави во кое упати желби за севкупниот просперитет на оваа земја и за благосостојбата на американскиот народ.
Како што соопшти владината прес-служба, во честитката премиерот Заев ги оценува односите со пријателските САД како исклучително важни, а заложбата за нивното севкупно натамошно зацврстување од голем интерес и желба на граѓаните на Република Македонија. Улогата на американската администрација, во функција на асистенција при обемните реформски процеси во Република Македонија, е незаменлива, се нагласува во писмото до претседателот Трамп.
– Претседателот на Владата, Зоран Заев, како особено важна ја оцени американската посветена политика кон обезбедување просперитет на државите од регионот на Југоисточна Европа и кон Република Македонија како нејзин стратешки партнер. Премиерот Заев го нагласи интересот на Владата за натамошно севкупно унапредување и зацврстување на одличната соработка и партнерските односи со пријателските САД и изрази цврсто уверување дека во периодот што претстои двете земји ги очекува интензивиран, плоден и отворен политички дијалог во сите домени од заеднички интерес, стои во честитката.
Заев изразува благодарност и за поддршката што САД континуирано ѝ ја дава на Република Македонија, особено во однос на нашите аспирации за што поскоро полноправно членство во НАТО.
– Би сакал да го истакнам своето очекување дека поддршката ќе продолжи и во иднина, а односите на пријателство и соработка, преку заеднички ангажман успешно ќе се развиваат и ќе се продлабочуваат со нагласена динамика, се вели во честитката до претседателот Доналд Трамп по повод Националниот празник на САД.