Првите примероци на долго очекуваниот автомобил на „Тесла“ што треба да го означи почетокот на масовното сериско производство на електрични автомобил на оваа американска компанија, ќе се симнат од фабричките ленти во петок, соопшти сопственикот на компанијата, Илон Маск.
Од представувањето на претпродукцискиот автомобил, во април 2016 година, минаа 15 месеци, а во меѓувреме „Тесла“ прими повеќе од 400.000 нарачки за „Модел 3“.
Иако не е познато колку луѓе во меѓувреме се откажале од купување, како ни колку од нив ќе го изгубат трпението во наредните месеци и години чекајќи на испорака на својот примерок, уште сега е јасно дека третиот автомобил на „Тесла“ ќе ги надмине сегашните актуелни „Модел С“ и „Модел Х“ според бројот на произведени и продадени единици на пазарот.
Тоа беше и примарната цел на основачот и прв човек на Тесла, Илон Маск, кога беше почнат развојот на новата, пристапна и евтина електрична лимузина – да се направи модел на струја за широките маси.
Маск во неделата вечер, по американско време, се огласи на Твитер и за петок, 7 јули, го најави официјалниот почеток на сериското производство на „Моделот 3“.
Според него, растот на производството ќе биде експоненцијален: 100 автомобили ќе бидат направени во август, над 1.500 во септември, а до декември месечното производство ќе достигне 20.000 возила.
Во „Тесла“ очекуваат во 2018 година да има драстечно зголемување на производството, па годишно од фабричките ленти треба да се симнуваат по околу 500.000 возила од „Моделот 3“, што на купувачите ќе им овозможи помалку чекање на своето возило.
За разлика од „Моделот С“ и Моделот Х“, чија малопродажна цена лесно достагнуваше дури и до над 100.000 долари, „Моделот 3“ во САД ќе има почетна цена од околу 35.000 долари.