Претседателот Ѓорге Иванов по повод 21 декември – Денот на наставата на турски јазик упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.
– Правото на настава на мајчин јазик, е едно од најзначајните права и меѓу врвните приоритети на нашата држава, кое не само што овозможува заштита и промоција на идентитетот и културата на народите, туку е и креатор на душата на една нација. Нашите сограѓани од турската заедница во континуитет ја негуваат својата култура, своите традиции и вредности, чувствувајќи ја притоа Македонија како свој вистински дом, вели во честитката претседателот Иванов.
Затоа денес, додава тој, Република Македонија со гордост го празнува денот на образованието на турски јазик, кој за целото наше општество е од големо значење.
– Како претседател на држава која високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и општествен напредок, дозволете ми да изразам надеж дека припадниците на турската заедница во Република Македонија и во идинина ќе продолжат да ја негуваат турската традиција и со својата богата култура да придонесуваат за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, вели Иванов во честитката.